Во третиот натпревар од осминафиналето на НБА плејофот, Минесота лесно победи против Денвер – 113:96, за водство од 2:1 во победи.
Веќе на почетокот на средбата беше јасно во кој правец ќе одат работите. Минесота поведе со 5:0, кратко потоа ја имаше својата прва двоцифрена предност (14:4), по само седум минути игра.
Гостите не можеа да најдат решенија во нападот, Јокиќ беше брилијантно затворен, а дури и кога го најде својот ритам, немаше соодветна поддршка од соиграчите.
Веќе по првата четвртина, Минесота имаше голема предност (26:11), а на почетокот од втората, Аделман реши да му даде малку одмор на Јокиќ. Домашниот тим знаеше како да го искористи тоа, и дополнително ја зголеми разликата, а на полувремето имаше огромен „плус 22“ – 61:39.
МекДениелс постигна 20 поени и 10 скока, Ајо Досунму додаде 25 поени и девет асистенции од клупата, додека Донте ДиВинченцо постигна 15 поени со четири украдени топки.
Руди Гобер (10 поени, 12 скока, 3 асистенции, 3 блокади), по инспиративната игра во вториот натпревар против Никола Јокиќ, повторно успеа да го запре трикратниот MВП, кој имаше многу лоша шутерска вечер (7/26 од поле, 2/10 од три), додека Тимбервулвс поставија клупски рекорд во плејофот дозволувајќи им само 11 поени на Нагетс во првата четвртина.
Јокиќ заврши со 27 поени и 15 скока за Денвер, кој беше ослабен поради отсуството на Арон Гордон поради повреда на листот и енергијата што ја носи од позицијата крилен центар.
Џамал Мареј постигна 16 поени со скромна реализација (5/17, 0/5 тројки). Тим Хардавеј со 11 и Зик Наги со 10 поени исто така имаа двоцифрен учинок







