Руни за Салах: Тажно, себично – не би го пуштил да се приближи до стадионот

Легендарниот Вејн Руни ги осуди коментарите на Мохамед Салах по поразот на Ливерпул од Астон Вила (4:2), што го доведе во прашање местото на „црвените“ во Лигата на шампионите.

Египетскиот напаѓач откри дека ќе го напушти „Енфилд“ на крајот од сезоната, по натпреварот во Бирмингем го критикуваше начинот на кој великанот игра под палката на Арне Слот.

Меѓу другото, тој рече дека хеви-метал фудбалот треба да биде идентитетот што засекогаш ќе го краси шесткратниот европски шампион. Она што го игра тимот од „Мерсисајд“ сега воопшто не личи на тоа.

„Тажно е што направи поради сè што постигна во Ливерпул. Не е поентата повторно да излезе и да го таргетира Слот. Тој вели дека сака да игра хеви метал фудбал, во основа тоа е како да каже дека сака да игра фудбал како Јирген Клоп.

Не мислам дека Салах повеќе може да се справи со таков фудбал. Тешко му е да игра со толку високо темпо и интензитет на оваа возраст. Мислам дека се обидува да ја оправда својата лоша сезона. Се чини многу себично од него да направи нешто вакво, иако знам дека ќе има навивачи на негова страна“, рече поранешниот играч на Манчестер Јунајтед и Евертон во своето шоу „Шоуто на Вејн Руни“.

40-годишникот се потсети и на деновите кога тој беше активен фудбалер, кога се најде во слична ситуација на збогувањето на Сер Алекс Фергусон со „црвените ѓаволи“. Шкотланѓанецот тогаш го остави на клупата поради меѓусебна расправија.

„Да бев Арне Слот, не би го пуштил да биде во близина на стадионот во последното коло против Брентфорд. Имав слична ситуација со Алекс Фергусон. Имавме несогласување, голема расправија во неговиот последен натпревар на „Олд Трафорд“. Затоа ме изостави од тимот. Салах фрли бомба и отворено рече дека не му верува на Слот. Многу од неговите соиграчи ќе бидат таму следната сезона. Не требаше да ги стави во оваа позиција.“

Ливерпул ќе ја заврши сезоната без трофеј, што е секогаш огромно разочарување за клуб со богата историја. Во првенството, во пресрет на последното коло, тие ја заземаат петтата позиција, последната што води во Лигата на шампионите.

Foto/ depositphotos

Scroll to Top