Сабаленка против Рибакина ја брани титулата на Ју-ес Опен

Арина Сабаленка и Елена Рибакина ќе се сретнат во финалето на Отвореното првенство на САД

Сè уште тенисерка број еден во светот, Сабаленка ја победи Џесика Пегула со 7:5, 6:2 и се квалификуваше за мечот за титулата, потврдувајќи дека во Њујорк ја пронајде формата што ѝ недостасуваше поголемиот дел од сезоната.

Пред да пристигне на Флашинг Медоус, Сабаленка имаше многу причини за грижа. Откако го освои „Саншајн Дабл“ во март, таа не успеа да стигне до финалето на ниту еден турнир. Нејзината форма беше далеку од очекуваната, а прашањата за нејзината игра стануваа сè погласни.

Сепак, на последниот Гренд Слем од сезоната, сè се промени. Белорусинката ја елиминираше шампионката на Вимблдон, Линда Носкова, во четвртфиналето, а потоа во полуфиналето беше подобра од Пегула.

Фактот дека Американката славеше во нивниот последен меѓусебен дуел, одигран пред само три месеци во Берлин, дава посебна тежина на победата.

Тенисерката број еден во светот сега има можност да направи голем подвиг. Во сабота, таа ќе игра во четвртото последователно финале на Отвореното првенство на САД, а евентуална нова титула би ѝ донела хет-трик во Њујорк.

Сабаленка има осум последователни пласмани во финалето на Гренд слем турнирите на тврда подлога, сметајќи од нејзиниот прв голем трофеј на Отвореното првенство на Австралија во 2023 година.

Таа ќе игра против Елена Рибакина за титулата.

Казахстанката од ппонеделник ќе биде број еден на ВТА листата направи голем пресврт против Коко Гоф и победи со резултат 3:6, 6:4, 6:4.

Американката совршено го отвори полуфиналето и се чинеше дека може да го повтори сценариото од 2023 година, кога ја освои титулата во Њујорк против Сабаленка.

Гоф направи брејк во првиот сет за 4:2, потоа ја потврди предноста без да изгуби поен и поведе со 5:2. Без поголеми проблеми, го затвори сетот со 6:3 и беше на чекор од новото финале.

Сепак, Рибакина продолжи да покажува зошто се смета за една од најопасните тенисерки на тврда подлога.

Казахстанката направи брејк веднаш на почетокот од вториот сет и поведе со 3:1, а набрзо стигна и до 4:1. Гоф не се откажа – успеа да го врати брејкот и да израмни на 4:4.

Сепак, кога беше најважно, Американката потклекна. Во десеттиот гем, направи двојна грешка на сервис, давајќи ѝ на Рибакина две сет-топки. Казахстанката ја искористи првата можност и го израмни резултатот.

Третиот сет донесе речиси идентично сценарио. Рибакина стигна до брејк за 5:3 и доби шанса да сервира за пласман во финалето. Гоф повторно ја покажа својата борбеност, веднаш возврати со брејк и го намали резултатот на 5:4.

Сепак, не успеа да направи целосен пресврт.

Рибакина одигра одличен волеј и дојде до две меч-топки на 15:40, ја искористи првата.

Foto/ EPA

Scroll to Top