Италијанскиот тенисер Јаник Синер не го криеше своето разочарување, по сензационалната елиминација во второто коло на Ролан Гарос од Аргентинецот Хуан Мануел Серундоло.
Синер, имаше водство од 2:0 во сетови и 5:1 во третиот сет, кога неговата игра целосно се распадна. Од наредните 20 гемови, Аргентинецот освои 18, доби три сета со 7:5, 6:1, 6:1 и ја забележа најголемата победа во кариерата.
По елиминацијата. Синер зборуваше за тешките услови во текот на сезоната, но и за потребата целосно да се опорави за она што го чека до крајот на годината.
„Не се чувствував добро откако се разбудив. Сакав да играм кратки поени, играв добро, а потоа едноставно удрив во ѕид.
Во средишницата на третиот сет се чувствував лошо. Беше жешко, но не толку жешко. Не е до жештината, до мене е“, рече Синер.
Која е главната причина за падот на енергијата?
„Тешко е да се каже. Кога се случуваат вакви работи, не е само една работа. Немав многу време да се опоравам. Првиот натпревар беше добар, но потоа натпревар за два дена, немаше време… Не спиев добро и утрово се мачев малку, но се случува. Секогаш се случува нешто вакво на Гренд слем, а мене ми се случи денес.“
„Во Шангај беше многу жешко, во Австралија беше многу жешко, потешко е на бетон бидејќи топлината доаѓа одоздола. Денес беше жешко, но беше во ред. Денес беше поинакво сценарио. Тешко е да се прифати ова поради сè што направив, но имам многу време да се опоравам. Нема да играм до Вимблдон, најверојатно, ми треба време да се опоравам“.
Како си ментално?
„Секогаш се обидувам да ја гледам позитивната страна, играв навистина добро целата сезона на земјена подлога. Пред овој турнир играв добро и се чувствував добро, но денес едноставно не ми беше судено. Многу работи доведоа до ова, но се случува“.
Дали размислувавте да се откажете во одреден момент?
„Како што реков, го оставив четвртиот сет за да соберам сила, во петтиот сè е можно. Бев во тешка позиција во четвртиот и петтиот сет. Немав енергија. Не се сеќавам кога последен пат се чувствував толку слабо. Но, така е. Се обидов да бидам таму со она што го имам, и ова беше максимумот денес. Штета, бидејќи играв добро првите два сета, дел од третиот. Но, вакви работи се случуваат во спортот.“
Дали жалиш што играше толку многу пред Ролан Гарос?
„Не знам… Дефинитивно можев да имам ваков ден. Освоив три турнири на земјена подлога. Тоа е неверојатен резултат, одлична серија. Тоа беше мојата главна цел тука, и оваа рана елиминација не е нешто на што се надевав. Но, не знаеме дали ќе беше поинаку ако го прескокнев Мадрид или Рим.“
Foto/ EPA







