Сите 55 фудбалски асоцијации членки на УЕФА, меѓу кои е и Фудбалската федерација на Македонија, ја поддржаа можноста за бојкот на Светското првенство во знак на протест.
Причината е предлогот на ФИФА за продажба на малцински удел во нова компанија која би управувала со комерцијалните права на најголемите натпреварувања.
Одлуката беше донесена на вонреден состанок на УЕФА одржан попладнево, само два дена откако ФИФА го презентираше контроверзниот предлог.
УЕФА претходно јавно го изрази своето противење на планот преку две силно интонирани најави, а сега доби едногласна поддршка од сите свои членови за најрадикалната можна мерка.
Доколку членовите на ФИФА го усвојат предлогот на Инфантино на претстојното гласање, УЕФА ќе активира бојкот на сите натпреварувања организирани од светската федерација.
Ова ги вклучува Светското првенство за мажи, Светското првенство за жени, Светското првенство за клубови и сите други натпреварувања под капата на ФИФА. Таквиот потег би претставувал невиден преседан во историјата на меѓународниот фудбал и би го довел во прашање одржувањето на најважните светски турнири во нивниот сегашен формат.
Првата можност УЕФА да ја спроведе својата одлука би можела да дојде уште во октомври, кога се закажани плејоф натпреварите за квалификациите за Светското првенство за жени.
Доколку дотогаш ФИФА не се откаже од спорниот план или не постигне компромис со европската куќа на фудбалот, конфликтот би можел да се претвори во најголемата институционална криза во историјата на овој спорт.
Предлогот на ФИФА предвидува продажба на акции во компанијата што би управувала со комерцијалните права на најголемите меѓународни натпреварувања, додека УЕФА смета дека таков модел би го загрозил сегашниот начин на управување со светскиот фудбал и дополнително би ја централизирал моќта во рацете на ФИФА.
Foto/ EPA







