Судија на УЕФА е уапсен под сомнение за сексуален напад врз тинејџер. Службеното лице е обвинето за несакано допирање и обид да го намами момчето во неговата хотелска соба пред европскиот натпревар во Обединетото Кралство, за кој отпатувал да суди, пишува „Дејли Мејл“.
Судијата го судел натпреварот во средината на неделата по наводниот инцидент и бил уапсен по враќањето, пред други службени лица на УЕФА. Инцидентот бил пријавен во полиција додека судијата бил отсутен поради натпреварот.
„Тој наводно започнал разговор со момчето во јавниот дел од хотелот. Тој е обвинет дека го допрел момчето против негова волја и се обидел да го намами во неговата соба. Ако ова е вистина, тоа е шокантен и целосно несоодветен чин“, изјавил неименуван извор за „САН“.
Европската фудбалска федерација потврди дека ги истражува сериозните обвинувања.
„Ја следиме ситуацијата со голема загриженост. Во меѓувреме, дотичниот службеник нема да биде делегиран за натпревари во натпреварувањата на УЕФА“, соопшти УЕФА.
Лондонската полиција потврди дека мажот, на возраст од околу 30 години, е ослободен со кауција додека трае истрагата. Како што се дознава, судијата бил и кандидат за судија на Светското првенство, кое оваа година се одржува во САД, Канада и Мексико.
Foto/ Depositphotos







