Бекам ќе му биде против кандидат на Инфантино?

Легендарниот англиски фудбалер Дејвид Бекам би можел да стане главен противник на актуелниот претседател на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, објавува германскиот „Скај спортс“.
Според германските медиуми, зад потенцијалната кандидатура на поранешниот капитен на репрезентацијата на Англија стои моќна коалиција предводена од Европската фудбалска унија (УЕФА), Германската фудбалска асоцијација (DFB) и КОНКАКАФ, конфедерација што ги собира националните асоцијации на Северна и Централна Америка и Карибите.
Незадоволството од работата на актуелниот претседател на ФИФА е сè поизразено, особено по најновите контроверзии во врска со комерцијалните права за Светските првенства.
Инфантино е обвинет за наводен обид за тајно продажба на дел од тие права, како и за избегнување директни одговори на прашањата на членовите на Советот на ФИФА, до кои се обратил исклучиво писмено.
Токму затоа, според споменатите информации, водечките луѓе на европскиот и северноамериканскиот фудбал ја разгледуваат можноста за поддршка на заеднички кандидат кој би можел да ја загрози позицијата на Инфантино.
Дејвид Бекам, поранешен играч на Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Милан и Пари Сен Жермен, кој по завршувањето на играчката кариера изгради силни деловни врски во светот на фудбалот, се споменува како идеално решение.
Бекам е ко-сопственик на Интер Мајами, а неговото влијание на американскиот пазар би можело да биде еден од најважните адути во евентуалната претседателска кампања.
УЕФА и нејзините сојузници сакаат да ја прошират поддршката надвор од Европа за да му се спротивстават на Инфантино, кој традиционално ужива силна поддршка од фудбалските асоцијации во Африка и Азија.
Сепак, постои и сериозна пречка за реализација на овој план. Бекам со години негуваше добри односи со Инфантино, учествуваше на бројни настани на ФИФА и беше еден од промоторите на нејзините проекти.
Затоа, сè уште не е сигурно дали познатиот Англичанец би прифатил директно да му се спротивстави на актуелниот претседател на светската куќа на фудбалот.
Засега нема официјална потврда за кандидатурата на Бекам, но неговото евентуално влегување во претседателската трка би можело значително да го промени балансот на моќта во светскиот фудбал.
Foto/ Depositphotos

