Алкараз нема да игра за Шпанија во Дејвис купот

Завршниот турнир во Дејвис купот доживеа уште еден тежок удар. Откако пред две недели Јаник Синер објави дека нема да игра за Италија, во вторникот од турнирот се откажа и светскиот рекет број 1, Карлос Алкараз.

Најдобриот тенисер во светот, Карлос Алкараз, објави дека поради повреда на десната нога, нема да игра за шпанската репрезентација на финалето на Дејвис купот.

„Многу ми е жал што морам да објавам дека нема да можам да играм за Шпанија на Дејвис купот во Болоња. Имам проблеми со тетивата на десната нога и препораката на лекарот е да не играм“, објави Алкараз на социјалната мрежа „X“.

Шпанските медиуми објавија дека Алкараз пристигнал вчера во Болоња, а потоа бил подложен на дополнителни лекарски прегледи, кои само потврдиле дека шпанскиот тенисер има проблеми со тетивата на десната нога.

„Секогаш велев дека играњето за Шпанија е најдобрата работа и навистина се радував што ќе можам да помогнам во борбата за „салатара“. Се враќам дома со скршено срце“, рече Алкараз.

Финалниот турнир на Дејвис купот ќе се одржи од 18 до 23 ноември во Болоња, а Шпанија ќе игра против Чешка во четвртфиналето во четврток.

За Шпанија во Дејвис купот ќе играат Хауме Мунар, Пабло Карено Буста, Марсел Гранољерс и Педро Мартинез.

Scroll to Top