Роналд Араухо повеќе не може да го издржи притисокот и нема одреден период да игра за Барселона. Можеби никогаш повеќе… Во зависност од неговата ментална состојба во иднина. Уругвајскиот стопер не се чувствува добро психички, самиот побарал да не игра за Барселона уште некое време.
Долго време, Араухо е мета на критики од јавноста и навивачите поради неговите лоши настапи, а ја премина границата по минатонеделниот натпревар со Челзи, кога доби црвен картон.
„Сините“ победија со 3:0, го постигнаа водечкиот гол по лошата реакција на Араухо, потоа поради проговор доби жолт каротн, а во 44-та минута за прекршок врз Кукуреља доби уште еден и беше исклучен. Барса прими уште два гола во второто полувреме со играч помалку.
По натпреварот вистинска лавина од критики го затрупаа Араухо. Веднаш по тој натпревар, Барса објави дека Араухо нема да игра против Алавес за викендот поради проблеми со стомакот, но се покажа дека работата е многу посериозна.
Тренерот Ханси Флик, на прес конференцијата, пред дербито со Атлетико Мадрид, откри дека Араухо нема да биде во тимот „поради лични причини“, а шпанските медиуми брзо открија за што се работи.
Араухо, во придружба на неговите агенти, во понеделникот се појавил на тренингот, но не тренирал, туку имал разговори со челниците и тренерскиот тим. .
Тој им признал дека не се чувствува добро психички поради притисоците со кои се соочува во последно време и побара од клубот да биде надвор од тимот на неодредено време.
Иако се чувствува физички добро, не е во можност психички да се подготви за најголемите предизвици и верува дека во таква состојба би бил товар за тимот и дека тоа не е фер кон неговите соиграчи.
Од клубот му ветиле целосна поддршка, по што добил одмор на неодредено време за да се одмори и психички да се опорави.
Шпанските медиуми шпекулираат дека ова би можело да биде крај на кариерата на Араухо во Барселона и дека постои голема веројатност тој да го напушти клубот во летниот преоден рок.
Foto/ EPA







