(Видео) Најубавите моменти од Светското првенство

39 дена фудбал и вкупно 104 одиграни натпревари на Светското првенство во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико, донесоа многу незаборавни моменти.

Агенцијата АП ги издвои најважните моменти од турнирот.

Најубавиот гол на првенството

Најубавиот гол на првенството го постигна репрезентативецот на Зелено’ртските Острови, Сидни Лопес Кабрал во 1/16 финалето против Аргентина.

Актуелниот шампион водеше со 2:1 до 103-та минута, кога Кабрал доби долга топка од Јаник Семедо на левата страна линија, се ослободи од Алексис Мекалистер и од работ на шеснаесетникот го погоди подалечниот горен агол од голот на Емилијано Мартинез за 2:2.

Тоа беше неговиот четврти гол во 14 настапи за репрезентацијата, но Аргентина сепак се пласираше понатаму.

Изненадувањето на турнирот

Најголемата сензација ја создаде Парагвај, кој ја елиминираше Германија во 1?16 финалето по изведувањето на пенали.

По 1:1 во регуларниот дел и продолженијата, голманот Орландо Хил ги одбрани пеналите на Каи Хаверц и Ник Волтемаде, додека Џонатан Та го префрли голот во шестата серија. Хозе Каналес го постигна решавачкиот пенал за триумф на Парагвај од 4:3.

Парагвај потоа беше елиминиран во осминафиналето од Франција со резултат 1:0.

Откритието на турнирот

Шпанскиот стопер Пау Кубарси беше едно од најголемите откритија на турнирот.

19-годишниот играч на Барселона ги одигра сите 750 минути на патот на Шпанија до втората титула на Светското првенство и прва од 2010 година.

Кубарси имаше дури 668 успешни додавања од 690 обиди, односно 96,8 проценти успешни додавања, што е втор најдобар настап на турнирот меѓу играчите со најмалку 400 додавања.

Со 19 години и 178 дена, тој стана седмиот најмлад играч што го освоил Светското првенство.

Одбрана на турнирот

Голманот на Зелено’ртските Острови, Возиња, направи една од најспектакуларните одбрани на Светското првенство.

Во 73-та минута од натпреварот против Аргентина, 40-годишниот голман феноменално го одбрани слободниот удар на Лионел Меси, кој беше упатен кон горниот агол од голот, и го спаси резултатот за 1:1.

Возиња успеа да го сопре ударот иако Аргентинецот одеднаш шутираше, додека голманот сè уште го „поставуваше“ својот „жив ѕид“.

Најголемата грешка на турнирот

Најголемата грешка ја направи голманот на репрезентацијата на САД, Мет Фриз, во поразот од Белгија (4:1) во осминафиналето.

По долгата топка на Брендон Мехеле, Фриз истрча надвор од шеснаесетникот и ја прими топката со гради.

Наместо веднаш да расчисти, се двоумеше и се обиде да му додаде на соиграч, но топката го погоди Шарл де Кетеларе и отскокна кон средината на теренот.

Потоа Ханс Ванакен ја погоди празната мрежа од точно 32,45 метри и постигна еден од најнеобичните голови на првенството.

Најгрубиот прекршок

Најсериозниот прекршок се случи во групната фаза на натпреварот помеѓу Катар и Канада.

Во 51-та минута, играчот од средниот ред на Катар, Асим Мадибо, го фаулираше Исмаел Коне одзади и му ја скрши левата нога.

Мадибо доби директен црвен картон и суспензија од пет натпревари, додека Коне мораше да се подложи на операција. Катарецот подоцна го посети Канаѓанецот во болница.

Навивачи на турнирот

Титулата најимпресивни навивачи ја понесоа навивачите на Норвешка.

Нивната „Викиншка кореографија на веслање“ стана еден од симболите на првенството, а навивачите ја изведуваа истата песна и движења не само на стадионите, туку и на Тајмс Сквер во Њујорк.

По победата, Мартин Одегар и Ерлинг Холанд се придружија на прославата на теренот.

Шкотските навивачи, познатата Тартан арми, кои ги преплавија Бостон и Мајами за време на првенството, и организираа бејзбол натпревари на стадионот Фенвеј Парк помеѓу натпреварите, исто така оставија одличен впечаток.

Foto/ Depositphotos

Scroll to Top