Најлошиот тим во шпанската Примера, Овиедо ја победи Севилја со 1:0, во рамките на 30-то коло.
Андалузијците така ја продолжија серијата очајни резултати и сега, по уште еден пораз, нивниот статус во елитата е сериозно загрозен бидејќи го чекаат следното коло со само два бода повеќе од првиот тим „под линијата“, Елче.
Со оваа победа, последнопласираниот Овиедо го фати последниот воз на патот кон опстанокот, што, ако се случи на крајот, ќе биде мало чудо и голем подвиг.
Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Уругваецот Федерико Вињас во 32-та минута по асистенција на Алберто Реина од корнер.
Ситуацијата стана уште полоша за гостите недолго потоа, бидејќи Тангу Нијанзу доби црвен картон за невнимателен старт, па Андалузијците играа речиси еден час со фудбалер помалку.
Продолжението донесе претпазлива игра на Овиедо и анемична игра на гостите на чија клупа дебитираше Луис Гарсија Плаза.
За тимот од стадионот „Санчез Писхуан“, ова беше трет последователен пораз и петти натпревар без победа.
Foto/ EPA







