Винисиус не сака да го продолжи договорот поради тренерот Алонсо

Британски „Атлетик“, ја демантира информацијата која пред два дена ја објави „АС“, дека Винисиус Жуниор ќе го продолжи договорот со Реал Мадрид.

„Атлетик“ тврди дека Бразилецот го информирал клубот дека нема намера да го продолжи договорот сè додека неговиот однос со главниот тренер Чаби Алонсо е затегнат. Според три независни извори, тој ја пренел пораката директно до претседателот Флорентино Перез на состанок на крајот од минатиот месец.

Нетрпението што го има Винисиус кон тренерот кулминираше откако во текот на натпреварот со Барселона, на 26 октомври. Винисиус побара средба со Перез за да се извини за неговото однесување за време на натпреварот, кога бурно реагираше на замената во 72-та минута. Бесен, тој го напушти теренот извикувајќи: „Секогаш јас, го напуштам тимот, подобро да си одам, си одам“.

На тој состанок, сепак, не се дискутирало само за испадот во Ел Класико. Винисиус ја искористил можноста јасно да го изрази својот став за иднината, нагласувајќи дека поради затегнатите односи со Алонсо, тој во моментов не размислува за продолжување на договорот, кој истекува во јуни 2027 година. Оттогаш не го сменил својот став.

Тековниот договор на Винисиус, потпишан во 2022 година, му носи околу 18 милиони евра нето годишно со откупна клаузула од 1 милијарда евра. На почетокот на годината, Реал Мадрид му понуди зголемување на платата на околу 20 милиони евра, но понудата не беше прифатена.

Неговите претставници побараа историски договор, на исто ниво како оној на Килијан Мбапе, со пакет вреден до 30 милиони евра по сезона, вклучувајќи плата, бонуси и бонус за потпишување, што досега не беше практика во клубот. Преговорите сега се целосно запрени, а освен финансиите, конфликтот со Алонсо стана клучна пречка.

Foto/ EPA

Scroll to Top