Еден од најважните предмети во историјата на светскиот фудбал доби нов сопственик. Дресот што го носел легендарниот Пеле во финалето на Светското првенство во 1958 година беше продаден на аукција за дури 4,9 милиони долари, што го прави највредниот сувенир поврзан со славниот Бразилец.
Аукциската куќа „Сотбис“ објави дека имало голема борба меѓу колекционерите за познатиот дрес. За време на лицитацијата, биле примени десет понуди од неколку заинтересирани купувачи, а конечната цена го рангирала овој предмет меѓу највредните спортски реквизити на сите времиња. Т
Тоа е дресот со број 10 што Пеле го носел како седумнаесетгодишник во финалето против Шведска во Стокхолм. Бразил тогаш славеше со 5:2 и ја освои титулата светски шампион за прв пат во историјата, додека младиот напаѓач постигна два гола и засекогаш влезе во фудбалската историја.
До ден-денес, тој останува најмладиот играч што постигнал гол во финалето на Светското првенство.
Со оваа продажба, дресот на Пеле стана вториот најскап фудбалски дрес некогаш продаден на аукција. Пред него е само дресот на Диего Марадона од четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година против Англија, кој беше продаден во 2022 година за 9,3 милиони долари.
Токму во тој натпревар аргентинската легенда го постигна познатиот гол познат како „Божјата рака“, но и еден од најубавите голови во историјата на Светските првенства.
Интересно е што истиот дрес на Пеле веќе еднаш е понуден на аукција. Пред повеќе од две децении, во 2004 година, беше продаден за нешто повеќе од 70.000 британски фунти, што во тоа време беше околу 105.000 долари. Оттогаш, неговата вредност се зголеми повеќекратно, што потврдува дека предмети поврзани со најголемите имиња во светскиот спорт се барани меѓу колекционерите.
Пеле, кој почина на крајот од 2022 година на 82-годишна возраст, сè уште се смета за еден од најголемите фудбалери на сите времиња, а овој рекорд само потврдува дека неговото наследство останува подеднакво ценето надвор од теренот.







