Епско полуфинале во Мелбурн – Алкараз го победи Зверев

Карлос Алкараз и Александар Зверев одиграа епски меч на Австралија Опен. Најдолгото полуфинале, пет часа и 27 минути, во историјата на турнирот во Мелбурн, му припадна на Шпанецот со 6:4, 7:6, 6:7, 6:7, 7:5. Зверев се врати од бездната, изедначи, имаше брејк предност во решавачкиот сет, сервираше за пласман во финалето при резултат 5:4, но Шпанецот волшебно се врати, ги доби последните три гема и се пласира во своето прво финале во Мелбурн.

Мечот започна во релативно мирно темпо, двајцата сигурно ги добиваа своите серви гемови, а потоа Алкараз прв направи брејк и тоа во вистинскиот момент.

Тој го „скрши“ Зверев во деветтиот гем и го потврди освојувањето на првиот сет со нула во следниот гем.

Поинаква слика во вториот сет. Зверев имаше брејк предност (водеше 4:2 и 5:4), но кога сервираше за да го освои сетот, подлегна.

Шпанецот ја искористи можноста, израмни, а потоа успеа да поведе со 2:0 во сетови.

Третиот сет имаше најголемо влијание врз исходот. Во деветтиот гем, Алкараз побара медицински тајм-аут. Наводно повраќал претходно, физиотерапевтот му го масираше битниот мускул на десната нога, а Зверев бесно реагираше кај судијката Маријана Вељовиќ затоа што дозволи медицински тајм-аут поради грчеви.

Вистинската причина ќе ја дознаеме по мечот, но Германецот успеа да ја искористи таа ситуација и во тај-брејкот и да го намали резултатот во сетови на 2:1.

Забележливи беа проблемите кај Алкараз во четвртиот срт, но Зверев не успеа да ги реализира своите шанси што ги имаше во неколку израмнети гема на сервисот на противникот.

По трет пат по ред, се играше тај-брејк, кој повторно го доби Зверев и со тоа го однесе мечот во решавачкиот петти сет.

Зверев го искористи моментумоти го материјализираше на почетокот со брејк кој, со сервис кој му служеше навистина добро, успеа да го искористи до крајот на сетот.

Алкараз не се откажа и имаше свои шанси за брејк, но сервисите на Зверев доаѓаа во вистинско време. Сепак, кога сервираше за победа со резултат 5:4, буквално се распадна. .

Алкараз конечно успеа да искористи една од своите бројни шанси за брејк и со тоа израмнување на 5:5, практично го реши натпреварот.

Германецот целосно се распадна и беше јасно дека нема да издржи до тај-брејкот, што и се случи. Шпанецот направи уште еден брејк и, по пет и пол часа луда борба, стигна до финалето.

Foto/ depositphotos

Scroll to Top