Лина Ѓорческа го одработи последниот тренинг пред утрешниот меч

Од специјалниот известувач Ненад Живановски – Столиќ

Денес Лина Ѓорческа го имаше својот трет и последен тренинг на вимблдонскиот комплекс терени, пред утрешното деби на Турнирот.

Таа во ексклузивната изјава за Макфакс, по тренингот, изјави дека добро се чувствува и дека со нетрпение го очекува утрешниот настап на теренот број два.

„Иако е друг комплекс, тренингот ко тренинг секогаш е ист. Секако дека сум свесна каде се наоѓам, меѓутоа, на крајот од денот, сè ми е исто, нема нешто поразлично каде и да се наоѓате. Во основа, добро се чувствувам пред утрешниот меч, иако во професионален спорт, секогаш нешто ве боли, нешто ново се појавува. И психички сум добро подготвена, сега за сега немам никаква трема, но ќе видиме утре како ќе биде. Како што реков уште во првиот разговор, минатиот понеделник, одиме меч по меч.“ – ни изјави Лина Ѓорческа.

Инаку, утре на стадионот на кој ќе игра, Лина нема да биде сама. Покрај тренерот Димитар Лабудовиќ, најавено е доаѓање и на група навивачи од Македонија, Германија, Белгија, Македонци кои живеат во Лондон, а и претставник на македонската амбасада во Велика Британија ќе биде присутен.

Мечот почнува точно на пладне, по македонско време.

Scroll to Top