Меси за фотографијата со бебето Јамал: Лудост е што сега ќе играме еден против друг во финале на СП

Лионел Меси за првпат јавно ја коментираше легендарната фотографија на која го држи Ламин Јамал како бебе, оценувајќи дека е „лудост“ што речиси две децении подоцна двајцата ќе бидат ривали во финалето на Светското првенство.

Фотографијата му ја покажа легендарниот играч на американски фудбал Том Брејди за време на настанот „Fanatics Fest“ во Њујорк, каде ФИФА организираше претставување на финалето.

„Таа фотографија е лудост. Се фотографирав со него кога беше бебе, а сега двајцата играме финале на Светско првенство. Тоа е навистина неверојатно. Во моментов тој е еден од најдобрите фудбалери во светот. Му посакувам сè најдобро, затоа што сè што е добро за него е добро и за Барселона. Сепак, ќе се обидеме да се погрижиме да не биде во своето најдобро издание. Шпанија игра одлично и не зависи сè само од него. И ние ги имаме нашите адути“, изјави Меси.

Аргентинецот призна дека внимателно ги следи настапите на Јамал, бидејќи настапува за Барселона, клубот во кој Меси ја помина најголемата кариера.

„Тој е врвен играч. Многу го следев бидејќи игра за клубот што го сакам. Му посакувам сè најдобро. Веќе е светска ѕвезда, а има само 19 години и цела кариера пред себе. Ние, сепак, ќе дадеме сè од себе овојпат да не стане светски шампион“, рече капитенот на Аргентина.

Меси зборуваше и за притисокот пред големите натпревари.

„И двајцата пораснавме играјќи фудбал со многу страст и желба да играме и да уживаме. Никогаш не размислувавме за притисокот. Сакаме да победуваме, но и да играме добро. Не е секогаш можно, а тоа го научив уште како дете. Благодарение на тоа станав подобар играч и подобра личност“, изјави тој.

Легендарната фотографија е направена во септември 2007 година во соблекувалната за гостински екипи на „Камп Ноу“. Тогаш 20-годишниот Меси позирал со шестмесечниот Јамал, а на една од фотографиите, заедно со мајката на Јамал, Шеила Ебана, му помага да се бања во пластична када.

Фотографирањето било организирано за хуманитарен календар на весникот „Спорт“ и УНИЦЕФ. Семејството на Јамал било избрано по случаен избор, а фотографиите ги направил фотографот Жоан Монфорт.

Фотографијата со години беше речиси заборавена, сè додека таткото на Јамал не ја објави повторно на Инстаграм за време на Европското првенство во 2024 година со опис: „Почетокот на две легенди“.

Во пресрет на финалето на Светското првенство, фотографијата повторно стана вирална. Монфорт изјави дека интересот за неа експлодирал откако станало јасно дека Меси и Јамал ќе се борат за најголемиот трофеј во светскиот фудбал.

Аргентина обезбеди место во финалето со победата од 2:1 над Англија, при што Меси асистираше за двата гола, додека Шпанија ја совлада Франција со 2:0. Финалето ќе се одигра на 19 јули на стадионот „Њујорк – Њу Џерси“.

Scroll to Top