„Најлошо прво полувреме на Бразил, уште од оние 7:1 против Германија“

Бразил го отвори Светското првенство со реми 1:1 против Мароко, а реакциите во татковината, за настапот на националниот тим се брутални. Бразилските медиуми и коментатори не се задоволија со класичните критики, туку настапот на „Селесао“ го опишаа како алармантен, анемичен и на делови срамен.

Бразил се спаси благодарение на индивидуалната мајсторија на Винисиус Жуниор, но впечатокот по натпреварот беше далеку од очекуваниот од петкратните светски шампиони. Мароко поведе со голот на Исмаел Саибари, а Бразил изгледаше немоќно, бавно и тактички неорганизирано во поголемиот дел од првото полувреме.

Француски „Лекип“, ги објави реакциите на бразилските медиуми под наслов: „Најлоши 45 минути од 7:1 против Германија: Бразилскиот печат го критикува „Селесао“, по ремито со Мароко“.

Во текстот се наведува дека Бразил не убедил никого дека е тим за големи дела, а на удар биле и Карло Анчелоти и голем број играчи кои целосно потфрлија.

„Најлошите 45 минути од 7:1“

Најостра формулација дојде од Фернандо Калас од „Оглобо“, кој првото полувреме против Мароко го нарече „најлоши 45 минути од 7:1 против Германија“, алудирајќи на историскиот дебакл на Бразил во полуфиналето на Светското првенство во 2014 година.

Калас конкретно ги прозва Ибанез, Игор Тиаго и Касемиро за кои напиша дека се „биле изгубени“, а се прашуваше дали Рафиња навистина го заслужи статусот на недопирлив во репрезентацијата.

„Лекип“, исто така наведува дека „Оглобо“ му дал оценка на Ибанез од 4,5, додека читателите му дале уште пониска оценка, со просек од 2,9.

„УОЛ: „Бразил мора да го слави ова реми“

Колумнистката на „УОЛ“, Алиша Клајн напиша статија со наслов „Бразил мора да го слави ремито со Мароко“. Ова не е иронија, туку дијагноза на состојбата на бразилскиот фудбал.

Репрезентацијата го отвори Светското првенство со само еден бод. Тоа не е малку, со оглед на тоа каде сме сега“, напиша Клајн. Идејата дека Бразил повеќе не може да живее од историјата, дресовите и имињата се провлекува низ текстот.

„Винисиус извади зајак од капа“.

Мауро Цезар Переира, еден од најпознатите бразилски спортски коментатори, за „УОЛ“ напиша дека Винисиус Жуниор го спасил Бразил. Неговиот наслов беше јасен: „Вини Жуниор го спаси Бразил против Мароко“.

Переира го опиша голот на Винисиус како момент на индивидуална генијалност во натпревар во кој Бразил не успеа да функционира колективно.

„Лекип“ ја пренесува неговата проценка дека Винисиус „извлекол зајак од шапката“, додека Бразил играл многу слабо.

„Ројтерс“ ја опиша играта со сличен тон: Бразил, пишува агенцијата, избегна шокантен пораз по „страшното прво полувреме“, а Мароко напаѓаше токму преку слабата бразилска десна страна, каде Ибанез имаше големи проблеми.

„Глобо: Бразил повеќе загрижува отколку што воодушевува“

„Глобо“, пишува дека голот на Мароко бил праведна награда за тимот кој повеќе сакал да игра. Посебно беа издвоени проблемите во акцијата кон голот: лошо додавање на Ибанез, губење на топката од Пакета, задоцнето затворање на Касемиро и лесно разбиена одбрана“, стои во анализата.

Поранешниот бразилски репрезентативец Фелипе Мело беше уште подиректен во програмата на „Спорт ТВ“. Тој рече дека Анчелоти е еден од најголемите тренери во историјата, но дека ваквиот настап не може да се оправда.

„Не може да се стави под тепих. Почна со погрешни 11. Ибанез не требаше да започне како стартер. Тој е добар играч, но не е дефанзивец”, изјави Фелипе Мело.

„ПВЦ: Првите 15 минути на Пакета беа трагични“

Познатиот бразилски коментатор ПВЦ конкретно се осврна на проблемот со средниот ред. Тој за „УОЛ“, изјави дека разликата најјасно се гледа во средниот ред, а особено го критикуваше Лукас Пакета.

„Првите 15 минути на Пакета беа трагични. Тој малку се подобри потоа, за малку ќе постигнеше гол по акцијата на Винисиус, но играше лошо. Бразил одигра лошо“, изјавија од ПВЦ.

„Нејмар веќе стана надеж за спас“

По ремито со Мароко, повторно се отвори прашањето за Нејмар. Андре Ризек од „ge.glob“, изјави дека Нејмар и покрај тоа што не играл 27 дена, веќе станал надеж за спас за Бразил. „Од првиот натпревар, Нејмар, кој не игра 27 дена, веќе стана надеж за спас на Бразил“, рече Ризек.

Анчелоти по натпреварот призна дека Бразил не започна добро и дека тимот бил нервозен, изгубил премногу топки и премногу дуели. „Ројтерс“ ја пренесува неговата изјава дека првото полувреме било лошо, но дека Бразил се подобрил во вториот дел.

Сепак, бразилските медиуми не беа расположени да бараат утеха во вториот дел. Главната порака по ремито со Мароко е: Бразил преживеа, но никого не убеди. А кога бразилските медиуми веќе по првиот натпревар посегнуваат по споредба со 7:1 против Германија, јасно е дека алармот повторно се вклучува околу „Селесао“.

Foto/ EPA

Scroll to Top