Српскиот кошаркар Никола Калиниќ одлучи да ја заврши кариерата.
Веста дека 34-годишниот кошаркар се повлекува од активната кариера дојде како гром од ведро небо.
„Луѓе, ја завршувам кариерата. Станувам помошник тренер во Звезда. Поради мојата животна ситуација, сакам да бидам блиску до Белград. Ви благодарам на сите што бевте дел од лудото возење“, напиша Калиниќ на социјалните мрежи.
Калиниќ ги помина изминатите две сезони во Црвена Звезда и тоа беше неговиот трет мандат во клубот.
Калиниќ ја започна својата професионална кариера во Спартак Суботица во 2009 година, од каде што неговиот пат до дресот на Звезда го одведе низ Нови Сад, Војводина и Раднички од Крагуевац.
Првиот мандат во црвено-белиот дрес го имаше во сезоната 2014/15, вториот во 2021/22, а ги носеше и дресовите на Фенербахче, дури пет години, односно на Валенсија и Барселона.
Беше шампион на Евролигата во 2017 година со Фенербахче, ја освои АЦБ лигата со Барса во 2023 година, а двапати беше шампион на АБА лигата со Звезда. Има и три титули во турското првенство.
Во 2022 година беше и MВП на АБА лигата.
Со репрезентацијата на Србија има сребро од Олимписките игри во 2016 година и од Мундобаскетот во 2014 година.
Foto/ Depositphotos







