Мануел Нојер, 40-годишниот германски голман, објави дека дефинитивно ќе ја напушти репрезентацијата по завршувањето на Светското првенство.
Тој го потврди ова пред натпреварот од второто коло од Групата Е помеѓу Германија и Брегот на Слоновата Коска, кој ќе се игра утре во Торонто, со почеток во 22 часот. Во првото коло, Германија го победи Курасао со 7:1.
„Ова е мојот последен голем турнир со Германија. Немам планови за Европското првенство, за две години. Сакам да живеам опуштен живот и да не размислувам постојано за последниот натпревар и збогувањето“, рече Нојер.
Легендарниот голман на Баерн, одигра 125 натпревари за репрезентацијата за време на својата брилијантна кариера, а го најави своето прво збогување по Европското првенство во 2024 година. Сепак, тој одлучи да се врати пред ова Светско првенство, иако направи двегодишна пауза, не играјќи ниту една минута во квалификациите за Светското првенство.
„Решив да се вратам, бидејќи верувам дека овој тим може да оди до крај, до светската титула уште еднаш. Да не видов можност за нешто вакво, сигурно немаше да бидам тука денес“, рече Нојер, кој го освои Светското првенство со Германија во 2014 година. На првенството во Бразил, Нојер беше прогласен за најдобар голман и имаше најмногу натпревари без примен гол.
Нојер дебитираше за репрезентацијата во 2009 година.
Foto/ Depositphotos







