Пол Погба (33) повеќе не е играч на Монако, откако клубот објави дека спогодбено се разделил со поранешниот светски првак. Во објавата се потенцира дека само делумно ги исполниле целите што ги поставиле на почетокот на минатата сезона. Погба тогаш потпиша двегодишен договор. Сепак, сега е раскинат откако Погба одигра само 115 минути за Монако минатата сезона.
Ова е уште еден од низата удари што ги претрпе фудбалерот кој на почетокот на деценијата беше еден од најдобрите во светот, легенда на Јувентус, Манчестер Јунајтед и француската репрезентација, која ја предводеше до светската титула во 2018 година и за која одигра 91 натпревар.
Две години претходно, Јунајтед го врати од Јувентус за 106 милиони евра.
Допинг, повреди, семејно насилство, депресија
Во летото 2022 година, Погба се врати во Јувентус и наскоро следеше неверојатна низа проблеми: паѓање на допинг тест и долгорочна суспензија, постојани повреди, семејна изнуда и уцена, по што падна во депресија.
Најголемиот удар врз неговата кариера се случи во август 2023 година, кога падна на допинг тест по натпреварот помеѓу Јувентус и Удинезе. Тестот покажа покачено ниво на тестостерон. Во февруари 2024 година, првично беше казнет со драконска четиригодишна забрана. По жалбата, казната му беше намалена на 18 месеци, што му овозможи да му се врати на фудбалот.
Со години, Погба страдаше од сериозни физички проблеми што го држеа надвор од теренот во клучните моменти. Поради сериозна повреда на менискусот и операција, го пропушти Светското првенство во 2022 година. Желбата за брзо закрепнување и враќање на теренот го наведе да зема додатоци во исхраната што содржеа нелегални супстанции.
„Завршив, мртов сум, Пол Погба повеќе не постои“
Дури и по враќањето на тренинзите во Монако, тој продолжи да страда од проблеми со бутните мускули.
Надвор од теренот, тој доживеа неверојатна семејна драма. Во 2022 година, беше откриено дека е жртва на организирана изнуда вредна милиони евра. Неговиот брат Матијас исто така бил вмешан во целиот случај, заедно со неговите пријатели од детството, кои наводно го држеле на нишан со пиштол и го уценувале.
Сите овие настани оставиле длабока трага врз неговата психа. Погба јавно проговори за својата борба со депресијата, признавајќи дека јавниот притисок, семејните проблеми и долгата суспензија целосно го скршиле.
Пред две години тој изјави: „Завршив, мртов сум, Пол Погба повеќе не постои“.
Foto/ Depositphotos







