Почина легендарниот Оскар Шмит

Тажна вест, доцна во петокот, пристигна од Бразил. Оскар Шмит, еден од најголемите стрелци во историјата на кошарката, почина на 69-годишна возраст.

Членот на Салата на славните, познат по прекарот „Света Рака“, страдаше од тумор на мозокот 15 години.

Членовите на неговото семејство потврдија дека Шмит си заминал со „храброст, достоинство и неуморен дух, останувајќи пример за решителност, дарежливост и љубов кон животот“.

Статистичарите евидентираа дека Шмит постигнал вкупно 49.973 поени за време на неговата професионална кариера во сите натпреварувања, што го прави најдобар стрелец во историјата на кошарката до април 2024 година, кога го престигна Леброн Џејмс.

Шмит никогаш не играл во НБА, но бил високо ценет во Бразил поради неговата посветеност на националниот тим и неговите настапи на рекордни пет последователни Олимписки игри.

Тој е рекордер на олимпискиот турнир по бројот на поени. Беше клучен играч на бразилскиот тим во антологиската победа над селекцијата на САД на Панамериканските игри во 1987 година.

Својата професионална кариера ја започна во 1974 година и поголемиот дел од неа го помина во Бразил и Италија, каде што стана идол од детството на идниот великан Коби Брајант. Во 1984 година, тој беше избран од Њу Џерси Нетс во шестата рунда од драфтот на НБА. Тренираше со тимот, но го одби договорот. Во тоа време, на играчите од НБА не им беше дозволено да играат за националните тимови.

Со висина од 205 см, тој беше исклучително прецизен шутер за тројки во 1980-тите, кога тројката не беше ни приближно толку честа како што е денес. Токму затоа го доби прекарот „Мао Санта“ („Света рака“).

Scroll to Top