Арне Слот влезе во конференциската сала насмеан, но и свесен за тоа што го очекува за време на средбата со новинарите пред дуелот со Брајтон.
Секако, првото прашање беше – дали е решена ситуацијата со Мохамед Слах.
„Ќе разговарам со Мо малку подоцна. Исходот од тој разговор ќе одреди како ќе изгледаат работите утре“, рече Слот. „Она што ми треба е разговор со него. Мислам дека следниот пат кога ќе разговарам за него, тоа треба да биде со него, а не тука со вас. Можете да се обидете, но нема многу што можам да ви кажам пред да разговарам со него. Ќе повторам, исходот од тој разговор ќе биде одлучувачки за тоа како ќе изгледа сè утре“, рече тренерот на Ливерпул и дополни.
„Немам ниту една причина зошто не би сакал Салах да остане во нашиот клуб. Многу победи забележавме со него во тимот. Што се однесува до одлуката да не патува во Милано, ние одлучивме како клуб. Секогаш сум во контакт со спортскиот директор Ричард Хјуз и извршниот директор Мајкл Едвардс, но кога станува збор кој ќе биде во тимот, тоа е секогаш моја одлука. Тоа не значи дека не разговараме, туку едноставно е моја одлука кога станува збор за тоа кој ќе биде во тимот, а кој нема да биде.“
Ливерпул го пречекува Брајтон во сабота од 16:00 часот.
Foto/ depositphotos







