Утре ќе бидат одредени групите за Мундијалот во САД, Канада и Мексико

Утре во 18:00 часот, по македонско време, во Вашингтон ќе се одржи ждрепката за Светското првенство, кое ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули 2026 година во САД, Мексико и Канада.

Овој Мундијал ќе биде по многу нешта историски. Засекогаш ќе се памети дека е прво СП со дури 48 учесници. Од 1998 до 2022 година се натпреваруваа 32 селекции.

Ќе има 12 групи со по четири екипи, а првите две од секоја група, како и осумте најдобри третопласирани ќе се пласираат во осминафиналето.

Значи, за прв пат на светските првенства ќе имаме 1/16-финале, што ја зголемува нокаут фазата за уште едно коло.

Исто така, само шест групи ќе бидат целосно пополнети утре, додека шест ќе бидат комплетирани дури во март, кога ќе завршат европските и интерконтиненталните баражи.

Исто така, постојат одредени „стапици“, сите екипи што доаѓаат од плејофот ќе бидат во последниот шешир, па ако се случи селекции како Италија, Данска и Турција да се пласираат на Светското првенство, јасно е дека ќе биде формирана најмалку една „група на смртта“.

Ждрепката ќе донесе уште еден преседан и нешто што е карактеристично за тениските турнири, а не за фудбалските турнири.

Имено, ФИФА објави дека првите четири носители во ждрепката за Светското првенство 2026 година, односно четирите најдобри екипи на моменталната ранг-листа на ФИФА, ќе бидат распоредени така што нема да можат да се сретнат пред полуфиналето.

Ова значи дека Шпанија (прв носител) и Аргентина (втор носител) ќе бидат сместени во спротивни половини од костурот, при што или Франција (трет носител) или Англија (четврти носител) ќе влезат во нивните половини.

Секако (да нема соочување на овие селекции пред полуфиналет), ова ќе се случи под услов сите четири екипи да завршат први во своите групи.

Овој систем за рангирање е имплементиран за да се избегнат рани дуели на најсилните и да се обезбедат атрактивни натпревари во нокаут фазата.

ФИФА прецизираше дека шеширите ќе изгледаат вака:

Прв шешир: САД, Канада, Мексико, Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Португалија, Бразил, Холандија, Белгија, Германија.

Втор шешир: Хрватска, Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Иран, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија, Австралија.

Трет шешир: Панама, Норвешка, Египет, Алжир, Шкотска, Парагвај, Брегот на Слоновата Коска, Тунис, Узбекистан, Катар, Саудиска Арабија, Јужна Африка.

Четврт шешир: Јордан, Зелен’ртски острови, Гана, Курасао, Хаити, четири победници на европскиот плејоф, два победници на интерконтиненталниот плејоф.

Титулата светски првак ќе ја брани репрезентацијата на Аргентина.

Foto/ EPA

Scroll to Top