Центарот на ЛА Лејкерс стана државјанин на Словенија

Џексон Хејс, соиграч на Лука Дончиќ од Лос Анџелес Лејкерс, доби словенечки пасош и ќе може да игра за словенечката репрезентација. Американецот на тој начин ќе му се придружи на Дончиќ во квалификациите за Светското првенство во 2027 година.

Центарот на Лејкерс ја потврди веста за новинарите во Лос Анџелес на тренинг пред вториот натпревар од плејофот против Хјустон Рокетс.

„Да, мојот пасош пристигна. Лука постојано вели дека сум негов словенечки брат“, рече Хејс, кој во октомври откри дека аплицирал за словенечко државјанство и додаде дека сè уште не го зборува јазикот на својата нова репрезентација.

„Не знам ниту еден збор. Па… всушност знам некои зборови, но не можам да ги кажам пред вас“, се пошегува тој.

Хејс е 25-годишен центар висок 213 см од Норман, Оклахома. На драфтот во 2019 година, тој беше избран како осми пик. Оваа сезона во дресот на Лејкерси има просек од 7,5 поени и 4,5 скока за 18,3 минути поминати на теренот.

Откако официјално стана словенечки државјанин, Хејс може да игра за Словенија во претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство во 2027 година, кои се закажани за јули и август.

Foto/ EPA

Scroll to Top