Авион на „Рајанер“ на лет од Пиза за Прествик слетал со гориво доволно за помалку од три минути лет, откако поради силното невреме неколкупати морал да се откаже од слетување.
Инцидентот се случил на 3 октомври минатата година, а деталите сега се објавени во извештај на британскиот Оддел за истражување на воздухопловни несреќи (AAIB).
Во авионот „Боинг“ имало 171 патник и шест членови на екипажот. Поради бурата „Ејми“, екипажот однапред наточил дополнително гориво, очекувајќи можни доцнења и пренасочувања.
По два неуспешни обида за слетување во Прествик поради смолкнување на ветерот, пилотите побарале да бидат пренасочени кон Манчестер. Барањето било одбиено, па авионот се упатил кон Единбург.
И таму, поради истиот проблем со ветерот, екипажот морал да го прекине слетувањето. Потоа пилотите прогласиле вонредна состојба, пријавиле проблем со горивото и повторно се упатиле кон Манчестер.
Авионот слетал со само 363 килограми гориво, иако пропишаната конечна резерва изнесувала 1.100 килограми. Според истрагата, при претходните маневри потрошувачката достигнувала околу 120 килограми во минута, што значи дека авионот би останал без гориво за помалку од три минути доколку морал уште еднаш да го прекине слетувањето.
AAIB утврдил и комуникациски пропуст во Манчестер, бидејќи правилата на аеродромот предвидуваат прифаќање пренасочени летови кога има капацитет. По инцидентот, аеродромот ги потсетил партнерите на ова правило.







