Василис Ќијарас, адвокат на српскиот бизнисмен Љубиша Каровиќ кој речиси излета од прозорецот на авион на 10 јули на лет од Солун, Грција до Меминген, Германија, е уверен дека неговиот клиент ќе добие голема отштета.
Се претпоставува дека дел од моторот се одвоил од авионот и го скршил прозорецот кратко по полетувањето. Авионот го изгуби притисокот во кабината и изврши итно слетување.
Главниот извршен директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, изјави во понеделникот дека прелиминарните наоди од истрагата за инцидентот, во кој патник остана да виси од скршен прозорец на Боинг 737, укажуваат дека причината е оштетување на моторот предизвикано од туѓ предмет, а не староста на авионот или неговото одржување.
„Мојот клиент има повреди по целото тело. Додека немаме целосна слика за случајот, не можам да зборувам за обештетување. Ќе биде значајно. Сигурен сум дека ќе биде значајно“, изјави Цијарас за Телеграф.
„Животот на мојот клиент беше во опасност. Да не носеше појас, ќе беше мртов. Половина од неговото тело, градите, главата и рацете, беа надвор од авионот две до три минути“, нагласи тој.
„И не само тоа. ‘Рајанер’ објави дека не е вистина дека мојот клиент бил надвор од авионот две минути. Сепак, денес разговарав со адвокатот што ја застапува жената што седеше до мојот клиент. Тоа не е неговата сопруга. Таа многу јасно потврди дека мојот клиент бил надвор од авионот две до три минути, дека воздухот буквално го влечел надвор и дека патниците се обидувале да го вратат“, додаде тој.
„Откако го ввлекле во авионот, тој се онесвестил уште два или три пати. Знам само што ми кажа неговата сопруга. Таа виде сè бидејќи седеше во близина. Бев шокиран кога ми кажа дека откако го вовлекле, главата на Љубиша била како сунѓер. Била отечена и обезличена. Мислеле дека е мртов“, рече Цијарас.
„Му го масирале лицето бидејќи главата му била полна со крв, и само по неколку минути лицето му се вратило во нормала. Тоа ми го кажа сопругата на мојот клиент, како и жената што седела до него“, додаде тој.
„Останува да видиме каде ќе бараме отштета, во зависност од тоа кој е надлежен. Мислам дека тоа ќе биде Грција бидејќи авионот бил во грчкиот воздушен простор кога се случило сè. Постои и можност инцидентот да се случил над Северна Македонија, но тоа сè уште не е потврдено и чекаме точни информации“, заклучи Цијарас.
фото/Depositphotos







