Вдовицата на првата жртва од Чернобил загина во рускиот напад врз Киев

Наталија Ходемчук, вдовицата на Валериј Ходемчук, првата жртва на нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година, почина во Киев од тешките повреди здобиени за време на масовниот руски напад во ноќта меѓу 14 и 15 ноември.

Државната агенција за управување со забранетата зона соопшти дека Ходемчук (73) била тешко повредена кога дрон погодил станбена зграда во реонот Троешчина, при што нејзиниот стан целосно изгорел, пренесува „Киев Индипендент“.

Таа била пренесена во Центарот за изгореници, но лекарите не успеале да ѝ го спасат животот. Со нејзината смрт, бројот на загинатите во ракетниот и дрон-нападот врз Киев на 14 ноември се искачи на седум, а најмалку 36 лица беа ранети. Штета е нанесена во девет реони на украинската престолнина.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во објава на социјалната мрежа „Х“ ја коментираше нејзината смрт, оценувајќи ја како „нова трагедија предизвикана од Кремљ“.

„Украинците кои го преживеаја Чернобил, кои помогнаа земјата да се обнови по таа катастрофа, повторно се соочуваат со опасност – со теророт на агресорската држава“, истакна Зеленски.

Нуклеарната несреќа во Чернобил се случи на 26 април 1986 година, во време кога Украина беше дел од Советскиот Сојуз. Несреќата во Чернобил и денес се смета за најтешка нуклеарна катастрофа во историјата на нуклеарната енергетика според бројот на цивилни жртви.

Валериј Ходемчук загина веднаш по експлозијата во нуклеарната електрана и се смета за првата жртва на катастрофата. Неговото тело никогаш не беше пронајдено.

Споменикот на Ходемчук е вграден во саркофагот на нуклеарната електрана во Чернобил.

Scroll to Top