Велика Британија е подготвена да испрати војници во Украина за да го бранат воздушниот простор и морските пристаништа, но не и на самото бојно поле против Русија, рече началникот на британската армија Тони Радакин на состаноците во Пентагон, објави „Гардијан“.
Радакин, началникот на Генералштабот, денес учествува во разговорите во Вашингтон за финализирање на обврските што 30 земји се подготвени да ги преземат за безбедноста на Украина по војната.
Според британските претставници, Лондон е подготвен да испрати војници за логистичка поддршка и обука, но не и да распореди војници по руската граница.
Првично, се зборуваше за можно распоредување до 30.000 војници, но оваа идеја беше отфрлена поради противењето на некои европски земји.
„Ништо не се случува во Вашингтон без одобрение од претседателот, а поддршката на Трамп за безбедносните гаранции во понеделник го покрена целиот процес“, рече британски функционер.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека САД нема да испратат војници во Украина. „Вие имате моја гаранција за тоа. И јас сум претседателот“, изјави тој за „Фокс њуз“.
Неговиот специјален пратеник за Украина, Стив Виткоф, претходно посочи дека американските гаранции би можеле да бидат како Член 5 на НАТО, во кој се наведува дека нападот врз еден сојузник е напад врз сите.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили минатата недела изјави дека Лондон е подготвен да ѝ помогне на Украина „да го обезбеди своето небо и море и да ги зајакне украинските сили“.
Британските функционери велат дека подготовките се сериозни, а не само политички притисок врз Русија. „Не собирате 30 началници на штабови во Пентагон ако не сте сериозни“, рече еден од нив.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека очекува безбедносните гаранции да бидат финализирани во следната „недела до десет дена“.
Британските претставници велат дека британските сили би можеле да бидат распоредени во Украина за логистика и заштита на воздухот и пристаништата, но не во операции што би ги довеле во директен конфликт со руските сили.
Фото: ЕПА