Врховниот лидер на Иран, ајатолах Али Хамнеи, ги осуди демонстрантите во говор што беше емитуван на државната телевизија.
Врховниот лидер (86) на Иран изјави дека демонстрантите „ги уништуваат сопствените улици за да го усреќат претседателот на друга земја“, алудирајќи на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Сите треба да знаат дека Исламската Република дојде на власт со крвта на стотици илјади чесни луѓе и нема да попушти пред саботери“, порача Хамнеи во обраќањето на државната телевизија.
Тој додаде дека постојат многу проблеми во рамки на Соединетите Американски Држави, пренесе Иран интернешнел. Хамнеи ги повика поддржувачите да останат обединети.
„Драги млади луѓе, зачувајте ја подготвеноста и единството. Обединета нација ќе го победи секој непријател“, порача иранскиот верски лидер.
Вчера иранските власти го ограничија пристапот до интернет во Техеран и во некои други региони, на 12-тиот ден од масовните протести против владата.
Massive protest in Tehran, Iran. People had enough. Not much mainstream media coverage. Why? pic.twitter.com/RqIikXbW94
— Lily Tang Williams (@Lily4Liberty) January 8, 2026
Два извора потврдија дека интернетот во престолнината бил во прекин, додека организацијата NetBlocks, која ја следи достапноста на мрежата, соопшти дека нејзините податоци покажуваат оти Техеран и други делови на Иран влегуваат во „дигитален мрак“, со пад на поврзаноста кај повеќе провајдери.
Извор на CBS News наведе дека на улиците на Техеран има „огромни, досега невидени маси луѓе“, додавајќи дека поголемиот дел од граѓаните немаат пристап до интернет, додека на помал број корисници со постабилни деловни сметки врската сè уште им е достапна.
Аналитичарите оценуваат дека обемот на овој одѕив може да одреди дали протестите, кои траат 12 дена, ќе стивнат како претходните бранови незадоволство или ќе прераснат во сериозен предизвик за власта, со можност за поширока репресија.
Протестите започнаа на 28 декември поради економската криза и претставуваат најзначаен предизвик за иранската влада во последните неколку години, истакнува АП.







