(Видео) Нов судир меѓу Пакистан и Авганистан: девет лица загинаа во воздушни напади

Пакистан денес изврши воздушни напади врз три куќи во Авганистан, при што загинаа девет лица, соопшти талибанската влада во Кабул.

Пакистанските власти во Исламабад тврдат дека нападите биле насочени кон терористички упоришта и дека биле убиени 22 „терористи“. Нападите се случуваат во услови на нова ескалација на конфликтот меѓу двете соседни земји, по тримесечен период на релативен мир.

Меѓу загинатите во авганистанските провинции Кунар и Хелманд има жени и деца, изјави портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, на платформата „Икс“. Тој додаде дека се повредени уште 11 лица.

„Го осудуваме овој чин како чин на агресија и злосторство што ги прекршува сите прифатени принципи“, рече тој.

Министерството за информации на Пакистан тврди дека нападите биле извршени врз основа на „веродостојни разузнавачки податоци“ и биле насочени кон терористички упоришта на две локации.

„Целите беа уништени со прецизност, а првичните извештаи укажуваат дека се убиени 22 терористи. Уништени се и големи количества оружје и муниција складирани во тие упоришта“, соопшти министерството на „Икс“.

Ројтерс не можеше независно да ги потврди тврдењата на ниту една од страните.

Тензиите меѓу Пакистан и Авганистан повторно се зголемија по нападот на милитанти врз полициски објект во северозападниот дел на Пакистан минатиот месец, во кој загинаа 24 лица.

Scroll to Top