Четири дена по неуспешниот обид за погубување во Тенеси, Криста Пајк сè уште е во несвесна состојба и приклучена на апарат за вештачко дишење. Нејзината состојба може да остане неизвесна со денови, изјави еден од нејзините адвокати во неделата, според агенцијата АП. Многу малку информации се објавени за нејзиното здравје од средата навечер, кога беше направен обидот за погубување. Пајк се наоѓа во болница под постојан надзор, а лекарите се обидуваат да го исчистат нејзиниот организам од големата доза на барбитуратот пентобарбитал.
Нејзиниот адвокат, Стивен Ферел, во емисијата „State of the Union“ на Си-ен-ен потврди дека, според неговите сознанија, Пајк сè уште не дошла при свест. „Колку што знам, таа не се освестила“, одговори тој на прашањето дали таа се разбудила по обидот за погубување.
Медицински одлуки што ги носи друго лице
Пајк сега има 50 години. Таа беше осудена на смрт – со што стана една од најмладите жени во САД кои добиле таква казна – за убиство извршено во 1995 година, кога имала 18 години. Поттикнати од љубомора, таа и нејзиното момче ја мачеле и убиле својата колешка, Колин Слемер.
Во средата, затворските службеници ѝ дадоа две дози од смртоносната инјекција. Пентобарбиталот не успеа да ја убие, а нејзините адвокати тврдат дека нејзините раце се прекриени со изгореници и плускавци поради агресивната природа на хемикалиите.
Ферел објасни дека Пајк претходно овластила друго лице да носи медицински одлуки во нејзино име и дека тоа лице сега ја штити нејзината приватност. Правниот тим не откри кој ги носи одлуките за медицинскиот третман и напомена дека ќе бидат потребни неколку дена пред да се дознае дали постои каква било шанса за закрепнување.
„Во овој момент не знаеме – а можеби и никогаш нема да дознаеме – какви маки претрпела таа за време на тој процес: дали била свесна, колкава била физичката болка што ја чувствувала и каква психолошка тортура преживеала“, рече Ферел.
Повици за транспарентност и укажување на системски проблеми
Самитот чин на погубување во средата беше одложен за повеќе од осум часа додека Врховниот суд на САД ја разгледуваше жалбата поднесена од одбраната. Судот на крајот ја поништи одлуката на понискиот суд за одложување на извршувањето на казната. Одбраната побара одложување за да се испита дали поротата требало да го земе предвид фактот дека Пајк била жртва на сексуална злоупотреба во текот на детството.
Во петокот, нејзините адвокати побараа од судот да им наложи на затворските власти да ги зачуваат сите писмени записи, комуникации, фотографии и видеоснимки поврзани со обидот за извршување на смртната казна.
Тенеси, како и многу други сојузни држави што ја спроведуваат смртната казна, ги чува во тајност повеќето детали поврзани со погубувањата – од набавката на лековите до резултатите од испитувањата за контрола на квалитетот.
„Државата Тенеси мора да почне отворено да комуницира со граѓаните за тоа што точно прави. Само тогаш луѓето ќе можат, преку демократскиот процес, да одлучат дали сакаат такви работи да се прават во нивно име“, изјави Ферел за Си-ен-ен.







