(Видео) Путин во новогодишната порака: Уверен сум во победата на Голема Русија

Рускиот претседател Владимир Путин изрази уверување во победата врз Украина, во својата новогодишна порака, речиси четири години по почетокот на руската инвазија.

„Им честитам на нашите борци и команданти за почетокот на новата година! Веруваме во нив и во нашата победа“, рече Путин, според снименото видео обраќање објавено од државните медиуми.

Пораката првпат беше емитувана во Камчатка, каде што започна 2026 година во 13 часот по македонско време.

Путин уште еднаш ги прогласи руските војници во Украина за херои. „Ве уверувам дека милиони луѓе низ Русија се со нив на оваа новогодишна ноќ. Тие мислат на нив, сочувствуваат со нив и се надеваат на нив. Ние сме обединети во нашата искрена, несебична и лојална љубов кон Русија“, рече Путин.

Путин не ги спомена преговорите со Соединетите Американски Држави за прекин на војната во Украина, ниту изрази надеж за мир. Тој нагласи дека „Голема Русија“ ќе ги постигне своите цели.

Новогодишната порака на Путин се емитува на полноќ во секој руски регион што опфаќа неколку временски зони. Последни што влегуваат во 2026 година се жителите на Калининград на Балтичкото Море, во 23 часот по македонско време. Москва ќе ја дочека Новата година во 22 часот по македонско време.

Scroll to Top