Во Иран, жените добија дозвола да возат мотоцикли и скутери

Првиот потпретседател на Иран, Мохамад Реза Ареф, ја потпиша резолуцијата, која беше одобрена од Советот на министри на крајот на јануари, а со која на жените им се дава дозвола за возење мотоцикли и скутери.

Жените во Иран сега можат формално да добијат возачка дозвола за мотоцикли и скутери, објавува агенцијата „Илна“, со што се завршува долгогодишната правна несигурност околу возењето на овие двотркални возила, објавува „Фигаро“.

Според сообраќајниот закон, на жените не им било експлицитно забрането да ги возат, но во пракса властите не им издавале дозволи.

Поради оваа двосмисленост, жените биле законски одговорни во случај на несреќа, дури и кога самите биле жртви.

Законот сега ја обврзува сообраќајната полиција да „обезбеди практична обука за кандидатките, да организира испит под директен надзор на полицијата и да им издава возачки дозволи за мотоцикли на жените“, прецизираше „Илна“.

По Исламската револуција во 1979 година, на жените им беше забрането да се занимаваат со одредени активности некое време, а посебен предизвик за нив беа правилата за облекување – тие мораа да ја покријат косата со шамија (хиџаб) во јавност и да носат скромна облека.

Scroll to Top