Министерството за здравство во Газа денес објави дека уште седум Палестинци, меѓу кои и едно дете, починале од глад и неухранетост. Новите смртни случаи, регистрирани во последните 24 часа, го зголемија вкупниот број на смртни случаи поврзани со глад од октомври 2023 година на 169 , вклучувајќи 93 деца, се вели во соопштението. Министерството предупреди дека хуманитарната криза во Газа се влошува и повторно апелираше до меѓународната заедница и хуманитарните организации веднаш да интервенираат за да се стави крај на страдањето и да се достави итна помош, пренесува Анадолија. Заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Тед Чајбан, денесka изјави дека Газа се соочува со сериозен ризик од глад и дека она што може да се види на терен е „ шокантно “. „ Повеќе од 320.000 мали деца се изложени на ризик од акутна неухранетост. Во стабилизацискиот центар во градот Газа , сретнав акутно неухранети бебиња чии тела беа само кожа и коски. Нивните мајки седеа во близина, очајни и исцрпени. Една мајка ми кажа дека нејзиното тело повеќе не произведува млеко затоа што самата е премногу гладна. УНИЦЕФ прави сè што може за да ја реши ситуацијата – поддржува доење, обезбедува формула за бебиња и лекува деца со тешка акутна неухранетост. Но, потребите се огромни по 22 месеци војна и два месеци блокада, која сега е олеснета, но сè уште има влијание, а помошта сè уште не пристигнува доволно брзо или во потребниот обем “ рече Чајбан. Тој нагласи и дека повеќе од 18.000 деца се убиени во Газа од почетокот на војната, што е во просек по 28 деца дневно.
