Голем протест во Аргентина против реформата на трудот

Во Буенос Аирес избувнаа судири меѓу демонстранти и полицијата за време на масовен протест против законот за реформа на трудот предложен од владата на Хавиер Милеј, пренесе агенцијата „Анадолија“.

Илјадници луѓе се собраа на Плоштадот на Конгресот на повик на синдикатите. Тензиите ескалираа кога дел од демонстрантите се обидоа да се упатат кон зградата на Сенатот, каде што се расправаше за реформата.

Според локалните медиуми, полицијата употребила солзавец, гумени куршуми и водени топови за да ги растера демонстрантите кои фрлале камења. Приведени се повеќе лица, а четворица полицајци се повредени. По неколкучасовни нереди, полицијата го расчистила подрачјето.

Протестите ги поддржа Општата конфедерација на трудот (CGT), како и повеќе партии и организации. Синдикалните претставници оценија дека реформата претставува чекор назад за работниците.

Предлог-законот предвидува формирање Фонд за помош на работниците за исплата на отпремнини, измени во нивната пресметка, промени во правилата за прекувремена работа и ограничување на правото на штрајк. Постојниот закон за работни односи во Аргентина датира од 1974 година.

Scroll to Top