Дете повредено при пресретнување на ирански ракети во Катар, сирените одекнаа во Бахреин

Три лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во Катар од делови на пресретнати ирански ракети, соопшти Министерството за внатрешни работи во Доха.

Од катарското министерство информираа дека повредените добиваат неопходна медицинска помош, а безбедносните служби и екипите на цивилната одбрана ги активирале процедурите за реагирање според мерките за вонредни ситуации.

Јордан: Три ракети паднаа на наша територија

Во меѓувреме, вооружените сили на Јордан соопштија дека три ракети лансирани од иранска територија паднале во рамки на Кралството.

Според јорданската армија, инцидентот не предизвикал повредени лица ниту значителна материјална штета, а состојбата се следи внимателно.

Во Бахреин, пак, била активирана сирена за тревога, а граѓаните биле предупредени да побараат засолниште поради можни закани.

Пакистан повика на воздржаност и дијалог

Пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар повика на воздржаност за време на разговорот со неговиот ирански колега Абас Аракчи.

Дар порача дека дијалогот и дипломатијата остануваат единствениот одржлив пат за решавање на споровите и постигнување долгорочен мир и стабилност во регионот.

ИРГЦ тврди дека погодила втор брод во Ормутскиот Теснец

Иранската Револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека погодила втор брод во Ормутскиот Теснец, јавија иранските државни медиуми.

Според соопштението на ИРГЦ, станува збор за брод кој, како што тврдат, ги прекршил правилата за движење низ стратешкиот морски премин.

Иранските сили исто така соопштија дека извршиле напад врз американска база во Катар.

Најновите случувања доаѓаат во период на зголемени тензии во регионот по размената на удари меѓу Иран и САД и затворањето на Ормутскиот Теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на енергенси.

Scroll to Top