Европарламентарци од Левицата, Руди Кенес и Марк Ботенга, ја критикуваа Урсула фон дер Лајен поради изјавите во кои ја стави Турција во ист контекст со Русија и Кина, оценувајќи дека тоа може да доведе до поделба на светот на спротивставени блокови, пренесе Анадолија.
Урсула фон дер Лајен, говорејќи на настан по повод 80-годишнината на германскиот весник Ди Цајт во Хамбург, ја повтори својата поддршка за проширувањето на ЕУ и потребата од поединствен геополитички став на Европа.
Таа изјави дека Европската унија мора да успее да го „доврши европскиот континент“ за да не биде под влијание на Русија, Турција или Кина, формулација што привлече внимание бидејќи ја става Турција во ист контекст со Русија и Кина. „Мораме да успееме во довршувањето на европскиот континент за да не биде под влијание на Русија, Турција или Кина“, рече таа.
Од Европска комисија подоцна појаснија дека Турција останува важен партнер, истакнувајќи ја нејзината улога во миграциите, економијата и како сојузник во НАТО.
Кенес оцени дека ваквите изјави се дел од пошироки геополитички процеси и дека Западот ја губи својата доминација во услови на мултиполарен свет, нарекувајќи ги ваквите потези „очајнички“.
Ботенга предупреди дека ваквиот пристап ја поедноставува реалноста и создава опасна поделба на светот на „нас“ и „другите“, што не ги одразува реалните односи и соработка на ЕУ со земји како Кина и Турција.
Фото: Depositphotos







