Белгискиот министер за надворешни работи Максима Прево и германскиот шеф на дипломатијата Јохан Вадефул во Берлин ја осудија заканата на Унгарија со вето на европскиот заем за Украина, еден ден по четвртата годишнина од руската инвазија врз земјата.
Вадефул на заедничка прес-конференција со белгискиот колега повторно изрази „запрепастеност“ од однесувањето на Унгарија.
„Унгарија мора да разбере дека трпението на останатите држави членки брзо се троши“, изјави Прево.
Европската унија сака да го усвои дваесеттиот пакет санкции против Русија, како и европски заем од 90 милијарди евра за финансирање на воените и финансиските потреби на Украина во 2026 и 2027 година. Орбан, ги блокира двата проекта и бара Киев најпрво да ги обнови испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој беше оштетен во јануари.
Прево посочи дека сите се свесни за чувствителниот период поради изборите во Унгарија, но да се држат судбината и потребите на Украина како заложник во контекст на војна, тоа за него е црвена линија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која во вторникот беше во Киев, изјави дека ЕУ ќе го одобри заемот за Украина „на овој или на оној начин“, и покрај опструкциите од Будимпешта.
Орбан дополнително ја заостри реториката кон Украина и ЕУ, обидувајќи се да ги прикаже како закана за унгарските национални интереси, пред сè енергетските, во пресрет на изборите во април.
Во средата Орбан изјави дека Украина планира да го наруши унгарскиот енергетски систем и нареди распоредување на војска околу критичната инфраструктура.
Во меѓувреме, според истражување на компанијата „Медиан“, опозициската партија од десниот центар Тиса дополнително ја зголемила предноста пред владејачката Фидес на Орбан.
Анкетата покажува дека Тиса има поддршка од 55 проценти од определените гласачи, наспроти 35 проценти за Фидес. Кога се зема предвид целата популација, 42 проценти ја поддржуваат Тиса, а 31 процент Фидес.
Парламентарните избори во Унгарија се закажани за 12 април.







