Ердоган му понуди на Трамп помош за спроведување договор со Иран

Турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп, при што изјави дека Турција е подготвена да обезбеди секаков вид поддршка во фазата на спроведување на евентуален договор со Иран.

На состанокот, кој се одржа преку видеоврска, учествувале и кралот на Бахреин, Хамад бин Иса Ал Калифа, претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани, египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, јорданскиот крал Абдула Втори и началникот на Генералштабот на пакистанската армија, Асим Мунир, како и членови на кабинетот на американскиот претседател, пренесе Анадолија.

Ердоган на состанокот изјави дека Турција отсекогаш се залагала за решавање на проблемите преку дијалог и дипломатија и изразил задоволство што дипломатскиот процес со Иран достигна ниво за кое се залага претседателот Трамп.

Тој додаде дека секој постигнат договор би придонел за стабилноста во регионот преку обезбедување слободен премин низ Ормуска Теснина, со што би се намалил товарот врз глобалната економија.

Заблагодарувајќи им се на земјите кои придонеле во преговарачкиот процес, Ердоган нагласи дека Турција е подготвена да обезбеди секаков вид поддршка во спроведувањето на евентуалниот договор со Иран.

– Турција се труди мирот да преовладува во целиот регион и верува дека во рамките на процесот може да се најдат соодветни решенија за навидум спорните прашања, вклучително и нуклеарното прашање поврзано со Иран – наведе тој.

За време на состанокот Ердоган истакна дека Турција сака нова ера во која земјите од регионот нема да претставуваат закана една за друга и во која нема да има губитници во праведен мир.

Scroll to Top