ЕУ го истражува Ред Бул

Европската комисија започна антимонополска истрага против Ред Бул поради сомневања дека производителот на енергетски пијалоци ја злоупотребил својата доминантна позиција за да ја ограничи конкуренцијата.

„Стратегијата на Ред Бул наводно била насочена кон енергетските пијалоци што ги продава неговиот најблизок конкурент“, соопшти Комисијата. Додаде дека стратегијата се однесувала на места каде што пијалоците се купуваат за консумирање на друго место, како што се супермаркети и киосци на бензински пумпи.

Стратегијата наводно се состоела од давање финансиски или други стимулации на трговците на мало да престанат да продаваат енергетски пијалоци на конкурентите или да влијаат на позиционирањето на тие производи, како што е поставување на помалку видливи места во продавниците.

Ред Бул е исто така осомничен за злоупотреба на својата позиција како менаџер на категории, во која го контролирал начинот на кој трговците на мало пласирале одредена категорија на производи, така што конкурентските пијалоци биле исклучени од понудата или ставени во неповолна положба.

„Сакаме да утврдиме дали овие практики можеби довеле до високи цени и го ограничиле изборот на енергетски пијалоци за потрошувачите. Оваа истрага е дел од тековните напори на Комисијата за спроведување на правилата за конкуренција во синџирот на снабдување со храна во корист на европските потрошувачи“, изјави комесарката за конкуренција Тереза ​​Рибера.

Оваа истрага следи по ненајавените инспекции во седиштето на Ред Бул и на други локации во март 2023 година. Компанијата ги оспори рациите во Европскиот суд на правдата во Луксембург, тврдејќи дека тие биле непропорционални и не биле доволно поткрепени со конкретни сомневања за антиконкурентско однесување.

Компанијата, исто така, тврдеше дека истрагата била претерано под влијание на информации од Монстер Енерџи, еден од нејзините конкуренти. Сепак, приговорите на Ред Бул беа одбиени. Ред Бул се соочува со казна до 10 проценти од годишниот промет доколку се утврди дека ги прекршил правилата за конкуренција на ЕУ.

фото: принтскрин

Scroll to Top