Европската комисија денеска усвои мерки со кои се спречува уништување на непродадена облека, модни додатоци и обувки, со цел да се поттикне рециклирањето и да се намалат штетите врз животната средина.
„Ова е уште еден чекор во промовирањето на кружната економија низ целата Европска Унија“, соопшти Комисијата.
Забраната за уништување на непродадена облека и обувки ќе биде задолжителна за големите компании од 19 јули оваа година, а за средните претпријатија од 2030 година.
Дополнително, постојните обврски за известување на големите компании за непродадената облека што се прогласува за отпад ќе се прошират и на средните компании до 2030 година.
Се проценува дека секоја година во Европа меѓу 4 и 9 проценти од непродадените текстилни производи се уништуваат пред воопшто да бидат облечени. Овој отпад создава околу 5,6 милиони тони емисии на CO₂, што е речиси еднакво на вкупните нето-емисии на Шведска во 2021 година.
Со Регулативата за еколошки дизајн на одржливи производи, која стапи во сила во јули 2024 година, се настојува значително да се подобри одржливоста на производите што се пласираат на пазарот на ЕУ, преку зголемување на нивната кружност, енергетска ефикасност, можност за рециклирање и трајност.
Со неа се бара од компаниите да објавуваат информации за непродадените производи за широка потрошувачка што ги отфрлаат како отпад. Исто така, се воведува забрана за уништување на непродадена облека, додатоци и обувки.







