Во Мостар синоќа беше запалено службено возило што го користел градоначалникот Марио Кордиќ. Инцидентот веднаш бил пријавен во полицијата, која спроведува истрага, изјави градоначалникот.
Кордиќ во својот пост објавен на социјалните мрежи нагласи дека го смета овој настан за резултат на организирано создавање негативна атмосфера.
„Во последно време сме сведоци на организирано создавање наратив на омраза и напади врз мојата работа само затоа што ги штитиме интересите на градот Мостар“, напиша Кордиќ.
Тој додаде дека таков наратив има свои последици и дека „овој настан јасно покажува каква е целта на оние што го поттикнуваат“. Тој рече дека тоа нема да го спречи да ги извршува своите должности.
„Жал ми е што дојдовме во ситуација каде што мора да бараме полициска заштита за да ги извршуваме нашите должности, но тоа нема да нè спречи. Продолжуваме посветено, одговорно и исклучиво да работиме во интерес на Мостар“, нагласи градоначалникот.
Тој најави дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите наоди по завршувањето на истрагата.
фото: принтскрин







