Зеленски: Војната во Иран може да го отежни снабдувањето на Украина со ракети, Путин ослабен

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека ескалацијата на конфликтот во Иран може да го отежни снабдувањето на Украина со ракети за воздушна одбрана, бидејќи на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници би можеле да им бидат потребни овие резерви на Блискиот Исток.

Во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, Зеленски оцени дека нападот врз иранските воени цели бил добра одлука, наведувајќи дека Иран произведува значителни количини оружје за Русија, особено беспилотни летала и ракети.

„Можеме да се соочиме со тешкотии во набавката на ракети и системи за одбрана на нашето небо. Американците и нивните сојузници може да ги задржат за свои потреби“, рече Зеленски, потсетувајќи дека испораките за Украина беа забавени за време на претходните тензии на Блискиот Исток.

Зборувајќи за рускиот претседател Владимир Путин, Зеленски рече дека тој е „ослабен“ и дека ја загубил зимската офанзива против Украина.

„Нападите врз енергетската инфраструктура во текот на зимата не успеаја да нè скршат или да го поделат општеството“, рече претседателот на Украина.

Зеленски повтори дека Украина нема да се согласи на повлекување од Донбас, нагласувајќи дека таков потег би им отворил пат на руските сили кон внатрешноста на земјата. Тој додаде дека Киев останува отворен за преговори, но дека позициите на двете страни се уште се далеку одвоени, особено во однос на територијата и безбедносните гаранции, пренесува Танјуг.

Коментирајќи ја можноста Европа да преземе поголема улога во воената поддршка на Украина, Зеленски рече дека европските земји имаат силна индустриска база, но дека сè уште не се целосно подготвени да ја заменат американската воена помош.

Тој, исто така, го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан, наведувајќи дека Будимпешта нема значителна воена тежина и повтори дека обновувањето на гасоводот „Дружба“ бара прекин на огнот, обвинувајќи ја Русија за претходните напади врз таа инфраструктура.

Зборувајќи за внатрешните прашања, Зеленски рече дека претседателските избори ќе се одржат дури по завршувањето на војната и дека сè уште не одлучил дали повторно ќе се кандидира.

Тој, исто така, истакна дека во Украина се формирани независни институции за борба против корупцијата, кои, како што изјави, имаат негова целосна поддршка.

Scroll to Top