Зеленски предложи смена на украинската премиерка Јулија Свириденко, најавена е реконструкција на Владата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи смена на премиерката Јулија Свириденко, најавувајќи промени во Владата со цел спроведување на, како што наведе, „ажурирана политичка стратегија“.

Зеленски информацијата ја објави на социјалната мрежа „Икс“, при што ѝ се заблагодари на Свириденко за досегашната работа.

„Благодарен сум ѝ на Јулија за нејзината јасна, посветена и ефикасна работа како премиерка, како и за годините продуктивна служба во украинскиот тим“, напиша Зеленски, додавајќи дека ѝ понудил да преземе раководење со „ново и важно подрачје на односите со еден клучен партнер“.

Се очекуваат промени во Владата

Украинскиот претседател не откри повеќе детали за најавените промени, ниту посочи која би била новата функција на Свириденко или кој би можел да ја наследи на премиерската позиција.

Тој најави дека освен во Владата, ќе има промени и на раководни позиции во институциите за спроведување на законот.

Можно назначување за амбасадорка во САД

Опозицискиот пратеник Јарослав Железњак изјави дека Свириденко најверојатно ќе биде назначена за амбасадорка на Украина во САД.

„Тоа значи дека таа ја напушта функцијата премиерка и дека целата Влада ќе биде реконструирана“, напиша Железњак на Телеграм.

Според украинските закони, оставката на премиерот мора да биде одобрена од парламентот, а нејзиното прифаќање автоматски повлекува и оставка на целиот владин кабинет.

Како можни наследници на Свириденко во јавноста се споменуваат неколку имиња, меѓу кои поранешниот премиер и актуелен министер за енергетика Денис Шмихал, министерот за одбрана Михајло Федоров и директорот на државната енергетска компанија „Нафтогас“, Сергиј Корецки.

Scroll to Top