Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави вечерва дека вооружените сили на таа земја извршиле „удари во самоодбрана“ врз локации кои Соединетите Американски Држави ги користат за напади врз трговски бродови и за прекршување на примирјето.
Арагчи во објава на социјалната мрежа Х порача дека „каков било непријателски чин ќе наиде на итен и одлучен одговор“, додавајќи дека „она што санкциите и војната не успеаја да го постигнат, нема да се постигне со уште повеќе војна“.
Кон својата изјава, шефот на иранската дипломатија прикачи и видеоисечок од американскиот државен секретар Марко Рубио, на кој тој ја пофалува сојузничката соработка на Кувајт и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) со Вашингтон за време на операцијата „Епски бес“ (Epic Fury) – како што САД ги нарекоа своите првични удари врз Иран кон крајот на февруари и почетокот на март.
Шефот на иранската дипломатија потврди дека Техеран ги таргетирал американските бази во Кувајт и Бахреин, како и еден брод во близина на Oрмускиот Теснец.
Според неговите зборови, нападите со ракети и дронови биле покренати откако американската војска со проектилот „Хелфајр“ (Hellfire) онеспособила нафтен танкер под знаме на Боцвана, кој пловел кон островот Харг – главното иранско пристаниште и јазол за извоз на нафта.







