Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, издаде остро предупредување до своите западни соседи и Украина, велејќи дека Белорусија ќе одговори на секој чин на агресија со сите расположиви средства, вклучително и помош од Русија. Во интервју за „Раша тудеј“, кое го емитуваше белоруската државна новинска агенција „БЕЛТА“, Лукашенко нагласи дека Белорусија не сака војна, но е подготвена да се брани, пренесе „Киев Пост“.
„Мојата задача е да ги предупредам соседите: Естонија, Латвија, Литванија, Полска и, до одреден степен, Украина. Не дај Боже да започнат агресија против Белорусија. Ние не сакаме војна и немаме намера да се бориме против нив“, рече Лукашенко. Тој додаде дека војната од белоруска територија против Полска или Литванија не е опција, „освен ако не нè вовлечат во војната и не нè принудат да одговориме“.
Лукашенко нагласи дека Белорусија ќе се брани со сите расположиви средства доколку биде нападната.
„Ова не значи дека, ако утре избувне конфликт, веднаш ќе ја таргетираме земјата од чија територија доаѓа агресијата со нуклеарно оружје. Имаме доволно друго оружје за да одговориме“, објасни тој.
Тој, исто така, тврди дека Русија ќе интервенира за да се брани доколку опстанокот на Белорусија биде доведен во прашање.
„Ако видиме дека опстанокот на Белорусија е загрозен, тогаш нема да дејствуваме сами, туку во согласност со нашиот договор со Руската Федерација… Ова нема да остане без одговор. Ќе употребиме сè што имаме“, се закани Лукашенко.
Тој, исто така, изјави на почетокот на април дека не планира војна, но дека се подготвува за неа.
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот изјави дека Русија можеби се обидува подиректно да ја вовлече Белорусија во војната, посочувајќи на зголемена воена активност на белоруска територија.
фото/Depositphotos







