Францускиот претседател Емануел Макрон денес предупреди дека планираната израелска воена офанзива врз Газа ќе доведе до „вистинска катастрофа“ и за Израелците и за Палестинците и ќе ризикува да го вовлече целиот регион во „трајна војна“.
Макрон рече дека разговарал со јорданскиот крал Абдула Втори и со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, нагласувајќи дека тројцата лидери го делат верувањето дека само политички и хуманитарен пат може да го заврши конфликтот.
„Веруваме дека само следниот процес може да ја заврши оваа војна: воспоставување траен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници, масовна испорака на хуманитарна помош за народот во Газа и разоружување на Хамас, а воедно и зајакнување на палестинската власт во Газа“, рече Макрон на социјалната платформа Икс.
Тој повика на распоредување меѓународна стабилизациска мисија во Газа и повика на работа на политичко решение кое ќе одговори на аспирациите и на Палестинците и на Израелците.
Макрон, исто така, повтори дека Франција, заедно со Саудиска Арабија, ќе копретседава со конференцијата за решението за две држави во септември во Њујорк.
„Ова е единствениот кредибилен пат за семејствата на заложниците, за Израелците и за Палестинците“, нагласи тој, додавајќи: „Не на војната, да за мирот и безбедноста за сите“.
фото: принтскрин