Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека Израел треба да се откаже од своите територијални претензии во Либан, додека во исто време оцени дека Хезболах мора да биде разоружан од самите Либанци.
Зборувајќи од Елисејската палата заедно со либанскиот премиер Наваф Салам, Макрон повика на повлекување на израелските сили од либанската територија, нагласувајќи дека единствениот пат до мир е политички договор меѓу Израел и Либан што ја гарантира безбедноста на двете земји и територијалниот интегритет на Либан, јавува телевизијата „BFM“. Макрон изјави дека приоритет во моментов е консолидација на примирјето меѓу Либан и Израел, кое го оцени како кревко.
„Франција го знае ова бидејќи изгуби еден од своите членови“, рече Макрон, алудирајќи на француски член на мировните сили на ОН кој загина во јужен Либан. Францускиот претседател додаде дека Париз е подготвен да продолжи со ангажманот на терен дури и по повлекувањето на мировната мисија на Обединетите нации (УНИФИЛ).
„Сегашното примирје мора да се продолжи за да се овозможи почеток на вистински процес на стабилизација“, рече францускиот претседател, пренесува „Фигаро“.
Тој се залагаше за политички договор меѓу Израел и Либан што ќе ја гарантира безбедноста на двете земји, територијалниот интегритет на Либан и ќе ги постави темелите за нормализација на нивните односи.
Макрон повтори дека Хезболах мора да престане да го напаѓа Израел и дека мора да биде разоружан од страна на либанските власти, нагласувајќи дека договорот меѓу двете страни треба да обезбеди долгорочна стабилизација и да го отвори патот за нормализација на односите.
Зборувајќи за хуманитарната ситуација, премиерот на Либан изјави дека на земјата ѝ се потребни околу 500 милиони евра за справување со кризата, пренесува Танјуг. Салам изјави дека патува во Вашингтон со јасна цел, а тоа е целосно повлекување на израелските трупи од територијата на Либан. Како што изјави неименуван извор за Ројтерс во понеделникот, израелските и либанските делегации ќе одржат втора рунда преговори за прекин на конфликтот меѓу двете земји во Вашингтон во четврток.







