Макрон: Можен е руски напад врз Европа; има знаци дека се подготвуваат

Францускиот претседател Емануел Макрон ги отфрли тврдењата дека американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) ја информирала Франција за можна руска операција со беспилотни летала во јужна Европа. „Можеме да ја демантираме таа информација. ЦИА не ја информираше Франција за ова, а тоа го потврди и италијанскиот министер за одбрана“, рече тој во заедничкото интервју за телевизиските мрежи France 2 и TF1.

Шпанскиот дневен весник „Ел Мундо“ во четвртокот објави дека ЦИА предупредила неколку влади во јужна Европа за можна руска операција. Според извештајот, меѓу целите би биле локации во Шпанија, Франција и Италија, пренесува „Еуроњуз“.

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето исто така ги демантираше извештаите во четвртокот. „Информацијата објавена утрово од шпанскиот весник во врска со можни напади од руски бродови и беспилотни летала врз Италија, Шпанија и Франција не служи никому и не е потврдена“, напиша тој на платформата „Икс“. Тој додаде дека „веќе живееме во тешки и тензични времиња“ и дека „нема потреба дополнително да се ескалира ситуацијата“.

Руска закана за Европа
Во интервјуто, Макрон зборуваше и за тековната и сè поинтензивна руска хибридна кампања против Европа. Тој го спомена нападот со беспилотно летало врз аеродромот Лајпциг/Хале во ноќта меѓу 4 и 5 август, за кој германските власти ја обвинија Русија.

Тој истакна дека Франција сè уште нема доживеано сличен напад, но предупреди дека такво сценарио е можно. „На прашањето дали ова може да се случи, мојот одговор е да“, изјави францускиот претседател.

Тој нагласи дека Русија ја гледа Европа како „стратешко срце на Украина“ и оцени дека руски обид за напад на европско тло е „веројатен“. „Постојат неколку јасни знаци кои укажуваат дека Русија се подготвува за таков потег“, рече Макрон.

Осврнувајќи се на шпекулациите за можни руски планови за мобилизација, Макрон рече дека нова мобилизација на околу 300.000 војници е „веројатно сценарио“ за кое „често се дискутира“.

Францускиот лидер смета дека тоа ја покажува подготвеноста на Москва да поднесе „уште поголеми жртви за да го заземе целиот Донбас“. Тој процени дека, со сегашното темпо, на Русија ќе ѝ бидат потребни „од една и пол до две години“ за да ги освои териториите во тој регион што сè уште не ги контролира – сценарио што би значело „страшни загуби и страдања“ за Украина.

Scroll to Top