Францускиот претседател Емануел Макрон реагираше на царинските закани на Доналд Трамп, порачувајќи дека тие се неприфатливи. Макрон нагласи дека европските лидери ќе одговорат „обединето и координирано“ доколку тие се потврдат, објави тој на социјалните мрежи.
„Франција е посветена на суверенитетот и независноста на нациите, во Европа, како и на други места. Тоа ги води нашите избори. Тоа ја поддржува нашата приврзаност кон Обединетите нации и кон нивната Повелба“, наведе Макрон. Тој додаде дека „врз таа основа ја поддржуваме и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“.
Во истиот контекст го спомена и учеството во вежба на Гренланд. „Исто така, врз таа основа одлучивме да се приклучиме на вежбата што Данска одлучи да ја спроведе на Гренланд. Стоиме зад таа одлука. Особено затоа што се однесува на безбедноста на Арктикот и на границите на нашата Европа“, напиша тој.
Макрон порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
„Царинските закани се неприфатливи и немаат место во овој контекст“, додаде тој.
„Ќе знаеме како да го одбраниме европскиот суверенитет. Во тој дух ќе разговарам со нашите европски партнери.“







